Радио емисии
|
Наведените радио проекти се дел од историјата на македонската радиодифузија. Реализирани во временски период на вистински професионален третман на радиото како медиум.
Ги поместувам за да не отидат во заборав...луѓето, идеите, сработеното. Спомените од секундите поминати заедно со публика од над 500.000 слушатели во цела Македонија.
|
|
Минаа децении, се родија и преродија ново- стари генерации на слушатели на радиото, но се мислам дека пајажината на заборавот ниту со еден нејзин конец не ја допрела култната, револуционерната, во многу елементи се уште недостижна радио -програма „Радио урнебес“. За жал, и ден- денес не постои ништо приближно или слично на недобројните македонски радија, освен некои маргинални, безначајни и неуспешни обиди да се преземе- „копира“ нешто од него.
Сосема накусо (детално во мојата студија „Радио на современата модерност“):
Идеен творец, односно осмислувач на конкретната програмска концепција (шема) и на говорната содржина (со најмногу авторски прилози) бев јас, музички водител- медијатор Драган Б. Костиќ (и двајцата едновремено водители- медијатори), а во обликувањето и реализацијата учествуваа како тонски и програмски реализатор и артист- аматер Емин Унџел, артистката Емилија Андреева и повеќемина новинари- соработници, од кои како особено активен се издвои Чеде Шопкиќ.
Во својата „оригинална верзија“ (со нејзините творци- и како уредници, и како автори на содржините и како реализатори), која се емитуваше на Втората програма на Македонското радио (сега Радио два) во периодот 1983-84 -та година, беше дефиниран (и постојано програмски богатен, надградуван) како „забавно- хумористично- сатирична, музичко- говорна и општествено- политички, културно и јавно дежурна“ програма.
Мошне значајна (и се уште ненадмината) нејзина специфика беше дизајнирањето на секој сегмент (на прилозите, водителскиот и изведувачкиот дел), притоа секогаш настојувајќи тоа да биде беспрекорно „чисто“, професионално прецизно (до совршенство) и доследно во реализацијата.
Она што го прави „Радио урнебес“ револуционерен и се уште недостижен е и промоцијата на директното, непосредното уредување, кое не значи само донесување на решенија „на самото место“. Многу повеќе значи водење на сметка за трендовската програмска динамика, а како дел од тн. „организирана спонтаност“ на една модерна- современа радио- програма.
Неретко мои пријатели и познајници ме прашуваат дали е можно возобновување на „Радио урнебесот“? Секогаш им одговарам потврдно, но со една „задршка“: концепциски би можел да биде истиот (иста програмска шема, дури и без никаква промена), но под услов- и уреднички и новинарски да се реализира врвно професионално, без ронка аматеризам и импровизација. Со оглед на актуелните состојби на тој план... |
|
Под овој наслов реализирав повеќе контактно- забавни програми и емисии на Втората програма на Македонското радио- Канал 2000 (сега Радио два) и на Гром радио, а би можел да ја издвојам неделната пладневно -попладневна контактна програма (краток период- три- четири месеци редовна, а потоа повремена). Не толку поради содржината (што ја поставуваа и богатеа самите слушатели), колку поради целосното исполнување на комуникативниот „елемент“ на радиото на современата модерност, а за што (заедно со многу други „нешта“) детално пишувам во студијата „Аспекти на модерното радио- Радио на современата модерност“.
Па сепак, за мене е многу поважно дефинирањето или определувањето на улогата- функцијата на медијаторот. (Колку да се знае: јас го имам воведено во „радио профилите“, а имајќи ја предвид токму неговата улога на посредник во други сфери- политиката, економијата, културата...За жал, колку што можам да забележам, тој се уште не е прифатен, иако „спонтано“, „несвесно“ некои помлади радио- водители „џсрамежливо“ се профилираат како такви.).
Основни назнаки:
-Медијаторот и се обраќа на строго дефинирана целна група, најчесто слушатели од повозрасните категории, но не за да ја „води“, да ја „насочува“, да ја информира, едуцира итн., туку да посредува во директната- непосредната комуникација со одделни нејзини членови или со друга целна група (исто така строго дефинирана);
-Неговото присуство (на програмата, во емисијата) е ненаметливо, што е можно помалку „насочувачко“, најмалку сугестибилно, а никако не решавачко односно „завршно“ (на пример, да дава завршен заклучок или коментар од дискусијата, расправата, полемиката);
-Неговиот авторитет се наметнува со познавањето на проблемот- темата што ја поставува или ја поставува слушател, но и со медиумското- радиското искуство (да формира- оформи медијаторска програма или емисија); доколку познавањето на проблемот- темата е дискутабилно, нужно е да повика гостин- соговорник, но притоа да води сметка тој да не биде „одговарач“ на прашања, со што медијаторот се става во инфериорна позиција, туку, со оглед на стручноста, да биде што е можно порамноправен пред се со другите учесници- слушателите;
-Медијаторот е радиоличност, а пред се личност од доверба.
Со задоволство би подготвувал- профилирал медијатори за контактни програми и емисии од различен карактер.
|
|
|
|
|
|
|
Разговарај со мене, веднаш, на Skype...

Потребен е глас?

Го поседувам она што го посакуваат врвните светски радија- „од глас до стас“. Ако не си слушнал, ако не си разбрал, провери, јави се. Знам како да го искористам во секоја пригода. Докажано, слушнато, признаено, незаборав(е)но, посакувано од секој слушател во Македонија.
Сега и на твоето радио. Контактирај ме за договор.
Добивај newsletter од мене:
|