|
„Паноптикум“ беше моја авторска забавно- едукативно- контактна радио емисија реализирана во живо, во претпладневен термин во траење од два часа. Се реализираше на Втората програма на Македонското радио еднаш неделно (1992-1994), а по добивањето на наградата за најуспешен новинарски труд во 1994. од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) два пати неделно (вторник и четврток) од 10,00 до 12,00.
Станува збор за култ програма која и ден- денес претставува единствен и ненадминат пример, не само во македонскиот радиодифузен простор, за радио емиси и програми од тој тип: едновремено забава (хумор и сатира), едукација („жива радио енциклопедија“- куси енциклопедиски одредници од најразлични области), отвореност- контактност (радио- квиз) и разработка на актуелна тема со пошироко, па и универзално значење (заедно со слушателите). Музичката содржина беше исто така дел од ваквата концепција (информација- музички актуелности, едукација- музички портрети, тематски или авторски избор- на пејач или композитор).
За „Паноптикум“ е врзан и еден мој радиски рекорд ненадминат до ден- денес: 200-тата емсија ја реализирав како водителско- авторски радио маратон во непрекинато траење од 25 часа.
Од 1996. година концепциите на „Паноптикум“, „Радиои урнебес“ и ноќната програма „Медијатор“ (рубрики), заедно со поголем број реализирани проекти од јавен интерес (продолжени како емисии во живо), станаа дел од неделната 24- часовна програмска шема на „Евергрин Гром радио“, единствено приватно радио во Република Македонија (мое) од информативно- едукативно- забавно- контактен тип (згаснато во 2006.).
Од 2006. година „Паноптикум“ се реализира како веб сајт на Интернет (http://www.panoptikum.com.mk/).
Забавно- едукативно- контактна емисија и програма според содржината и начинот на реализација е суштествен дел од радиото на современата модерност, дефинирано во мојата студија „Аспекти на модерното радио- Радио на современата модерност“.
|