|
Под овој наслов реализирав повеќе контактно- забавни програми и емисии на Втората програма на Македонското радио- Канал 2000 (сега Радио два) и на Гром радио, а би можел да ја издвојам неделната пладневно -попладневна контактна програма (краток период- три- четири месеци редовна, а потоа повремена). Не толку поради содржината (што ја поставуваа и богатеа самите слушатели), колку поради целосното исполнување на комуникативниот „елемент“ на радиото на современата модерност, а за што (заедно со многу други „нешта“) детално пишувам во студијата „Аспекти на модерното радио- Радио на современата модерност“.
Па сепак, за мене е многу поважно дефинирањето или определувањето на улогата- функцијата на медијаторот. (Колку да се знае: јас го имам воведено во „радио профилите“, а имајќи ја предвид токму неговата улога на посредник во други сфери- политиката, економијата, културата...За жал, колку што можам да забележам, тој се уште не е прифатен, иако „спонтано“, „несвесно“ некои помлади радио- водители „џсрамежливо“ се профилираат како такви.).
Основни назнаки:
-Медијаторот и се обраќа на строго дефинирана целна група, најчесто слушатели од повозрасните категории, но не за да ја „води“, да ја „насочува“, да ја информира, едуцира итн., туку да посредува во директната- непосредната комуникација со одделни нејзини членови или со друга целна група (исто така строго дефинирана);
-Неговото присуство (на програмата, во емисијата) е ненаметливо, што е можно помалку „насочувачко“, најмалку сугестибилно, а никако не решавачко односно „завршно“ (на пример, да дава завршен заклучок или коментар од дискусијата, расправата, полемиката);
-Неговиот авторитет се наметнува со познавањето на проблемот- темата што ја поставува или ја поставува слушател, но и со медиумското- радиското искуство (да формира- оформи медијаторска програма или емисија); доколку познавањето на проблемот- темата е дискутабилно, нужно е да повика гостин- соговорник, но притоа да води сметка тој да не биде „одговарач“ на прашања, со што медијаторот се става во инфериорна позиција, туку, со оглед на стручноста, да биде што е можно порамноправен пред се со другите учесници- слушателите;
-Медијаторот е радиоличност, а пред се личност од доверба.
Со задоволство би подготвувал- профилирал медијатори за контактни програми и емисии од различен карактер.
|