|
Минаа децении, се родија и преродија ново- стари генерации на слушатели на радиото, но се мислам дека пајажината на заборавот ниту со еден нејзин конец не ја допрела култната, револуционерната, во многу елементи се уште недостижна радио -програма „Радио урнебес“. За жал, и ден- денес не постои ништо приближно или слично на недобројните македонски радија, освен некои маргинални, безначајни и неуспешни обиди да се преземе- „копира“ нешто од него.
Сосема накусо (детално во мојата студија „Радио на современата модерност“):
Идеен творец, односно осмислувач на конкретната програмска концепција (шема) и на говорната содржина (со најмногу авторски прилози) бев јас, музички водител- медијатор Драган Б. Костиќ (и двајцата едновремено водители- медијатори), а во обликувањето и реализацијата учествуваа како тонски и програмски реализатор и артист- аматер Емин Унџел, артистката Емилија Андреева и повеќемина новинари- соработници, од кои како особено активен се издвои Чеде Шопкиќ.
Во својата „оригинална верзија“ (со нејзините творци- и како уредници, и како автори на содржините и како реализатори), која се емитуваше на Втората програма на Македонското радио (сега Радио два) во периодот 1983-84 -та година, беше дефиниран (и постојано програмски богатен, надградуван) како „забавно- хумористично- сатирична, музичко- говорна и општествено- политички, културно и јавно дежурна“ програма.
Мошне значајна (и се уште ненадмината) нејзина специфика беше дизајнирањето на секој сегмент (на прилозите, водителскиот и изведувачкиот дел), притоа секогаш настојувајќи тоа да биде беспрекорно „чисто“, професионално прецизно (до совршенство) и доследно во реализацијата.
Она што го прави „Радио урнебес“ револуционерен и се уште недостижен е и промоцијата на директното, непосредното уредување, кое не значи само донесување на решенија „на самото место“. Многу повеќе значи водење на сметка за трендовската програмска динамика, а како дел од тн. „организирана спонтаност“ на една модерна- современа радио- програма.
Неретко мои пријатели и познајници ме прашуваат дали е можно возобновување на „Радио урнебесот“? Секогаш им одговарам потврдно, но со една „задршка“: концепциски би можел да биде истиот (иста програмска шема, дури и без никаква промена), но под услов- и уреднички и новинарски да се реализира врвно професионално, без ронка аматеризам и импровизација. Со оглед на актуелните состојби на тој план...
|